
Дискриминација на ромската популација во училиштата – по овој основ се најчестите претставки во штипската канцеларија на Народниот правобранител. Денеска во Штип се дискутираше за проблемите кои најчесто ги пријавуваат граѓаните како претставки кон институциите во државата. Народниот правобранител, Насер Зибери, вели дека штипската канцеларија не била комплетирана кадровски и сѐ уште не е целосно, но во последно време работи со засилена динамика.
„Длабоко сум убеден дека Штип како еден регионален центар во кој гравитираат голем број население и институции кои функционираат во рамките на општина Штип, но и другите општини, имаат што да кажат, да ги изнесат своите проблеми, но и ние да ги изнесеме нашите проблеми кои ги детектираме преку претставките кои доаѓаат во канцеларијата на Народниот правобранител во Штип и да најдеме решение за тие проблеми со што општинската администрација ќе биде подостапна за граѓаните“, истакна Зибери.
Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на денешната работилница посочи оти ваквите Извештаи се за полезни за конкретно подобрување на работата на институциите, бидејќи до Правобранителот доаѓаат директно од граѓаните.
„За нас искуствата на Народниот правобранител се од особена корист, затоа што е институција која директно соработува со граѓаните и ги прима нивните забелешки на нашите системски или функционални грешки што евентуално се прават во работењето и оттука и оваа работилница и Извештајот се добредојдени во креирањето и реформирањето на системот на локална самоуправа кој претстои“, вели Пенов.
Зибери посочи дека најголем број од претставките се во град Скопје, но не изостануваат и во другите градови. Во некои општини, на пример, се однесуваат на собирањето отпад и неефикасното функционирање на пунктовите за собирање смет. Во Охрид, пак, има проблем со наплатата на данокот на имот и другите давачки за кои граѓаните се жалат дека се многу повисоки.
Ребека Спасова М-Нет