
Пелистер кој важи за еден од фаворитите за влез во Прва лига, ќе добие нова управа. Битолчани презимуваат на четвртото место на табелата во Втората македонска фудбалска лига, а во пролетниот дел ги чека тешка борба со Воска Спорт, Вардар и Гостивар во трката за местата кои водат во фудбалската елита на Македонија.
Како што се зборува во фудбалските кругови, Пелистер треба да добие нова управа, а според информациите кои кружат, во управата би биле вклучени Митко Стојковски, Тони Мицевски, Пеце Цветковски и уште неколку познати фудбалски имиња во Битола.
Пелистер е во сопственост на општина Битола, а новата управа ќе има за цел да обезбеди едно од местата кои водат во Првата лига, со што Пелистер би направил експресен кам-бек во елитата, откако минатата сезона како последнопласирана екипа испадна од Првата лига.
Колку за потсетување од Втора лига директно во Прва лига влегуваат првопласираниот и второпласираниот тим, а пак третопласираниот тим игра бараж меч за влез во Прва лига со десеттопласираниот тим од Прва лига.
Во следниот период ќе биде познато повеќе околу новата управа која би требало да го превземе клубот, како и околу подготовките, играчкиот кадар и контролните натпревари преку кои Пелистер ќе ја темпира формата за „жешката“ пролет.