
По денешниот пораз од 0:2 од Струга Трим Лум, во редовите на ФК Пелистер следуваше очекувана промена – шефот на стручниот штаб Милан Стојановски официјално поднесе неотповиклива оставка, која клубот веднаш ја прифати.
Стојановски ја презеде целосната одговорност за слабите резултати во пролетниот дел од сезоната, потенцирајќи дека одлуката е во интерес на тимот и неговиот понатамошен напредок.
„Како шеф на стручниот штаб, ја преземам целосната одговорност за резултатите и одлучив да поднесам оставка. Му благодарам на клубот за довербата, на раководството за поддршката, на играчите за нивниот труд и на навивачите за безрезервната поддршка. Посебна благодарност до Битола, кој секогаш стои зад својот клуб. На екипата ѝ посакувам многу среќа и остварување на целта – директен опстанок“, изјави Стојановски.
Од клубот му се заблагодарија за професионалниот ангажман и му посакаа успех во понатамошната кариера.