Пелистер го промовираше Милан Стојановски, новиот тренер ќе треба да стави крај на резултатската криза!

ФОТО: ФК Пелистер

Длабоката резултатска криза и лошите резултати по девет кола во Првата лига направија тренерска промена во Пелистер, прволигашот од Битола се раздели со тренерот Димитар Капинковски, а на негово место пристигна Милан Стојановски, кој ќе биде нов шеф на стручниот штаб.

Пред битолчани ќе биде период кога ќе треба да се бара излез од резултатската криза и враќање на победничките патеки, бидејќи формата од последните пет натпревари е четири порази во низа и едно реми.

52-годишниот стратег е поранешен репрезентативец на Македонија со богата играчка кариера, а има забележано и 26 настапи за македонската репрезентација.

Стојановски има потекло од охридско, но е роден и израснат во Србија и таму ја градеше својата кариера, а ги водеше екипите на ИМТ Белград и Телеоптик.

За Стојановски ова ќе биде прв ангажман во Македонија како тренер, а своето деби новиот тренер треба да го има против Силекс во Кратово, во рамки на 10. коло на Првата лига.

Тренерската промена во Битола доаѓа пред репрезентативната пауза, па така Стојановски ќе добија на време со цел да се запознае со екипата и да ја подготви за следното десето коло.

Во досегашниот тек од сезоната екипата на Пелистер забележа две победи, едно реми и шест порази со седум постигнати и 18 примени погодоци.

Александар Ванев, М-Нет