
РК Пелистер продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во зелено-белиот табор е српскиот репрезентативец Алекса Колаковиќ.
Станува збор за 28-годишен среден бек кој потпиша едногодишен договор со клубот, со можност соработката да биде продолжена и за уште една сезона. Колаковиќ во Битола пристигнува по богато интернационално искуство во францускиот ракомет, каде настапуваше четири сезони за Сант Рафаел и две за Шартр.
Ракометарот, кој е роден во Подгорица и има шест настапи за репрезентацијата на Србија, ќе претставува значајно засилување во организацијата на играта на битолчани. Настапите во една од најквалитетните европски лиги беа доволна препорака Пелистер да го доведе во своите редови.
Со ангажманот на Колаковиќ, тренерот Лино Червар добива уште едно квалитетно решение во бековската линија, а српскиот интернационалец станува деветто засилување за сезоната 2026/27. Претходно во Битола пристигнаа Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ.
Официјалното претставување на новото засилување е закажано за 24 јули, кога Еурофарм Пелистер ќе ги стартува подготовките за новата натпреварувачка сезона.