
Во Завршниот извештај е наведено дека „Објектот е изведен според проектот и може да се користи за предвидената намена“, ама патниот правец Милино – Лозово е реконструиран само на хартија, вели градоначалникот, Бошко Цветковски. Со потпис на претходниот градоначалник од општинскиот буџет се инкасирани нешто повеќе од 1,8 милиони денари.
„Овој пат е реконструиран само на хартија. Ова се слики направени веднаш по преземањето на функцијата Градоначалник на Општина Лозово. Како што можете да забележите, во самите предмет пресметки имаме сечење, вадење на постоечки слој, носење до депонија, вадење на тампон, носење до депонија, поставување на нов тампон, валирање и на крај поставување асфалт и битуменско поврзување. Меѓутоа, овие работни активности не се завршени“, вели Цветковски.
Додека жителите протестираа, Цветковски беше на годишен одмор. Во однос на ова тој вели дека институциите треба да проговорат за постапката која се води против претходниот градоначалник, кој надвор од земјава бил повеќе од 180 дена. Службите се координирале и одржале средба со земјоделците и превозниците, а известена била и полицијата.
„Заеднички потпишавме петиција, на која јас прв се потпишав. Истата ќе биде доставена до ЈПДП и Министерство за транспорт и врски. Исто така, како градоначалник на Општина Лозово ќе побарам итен состанок со министерот за транспорт и врски да можеме да ги реконструираме овој патен правец, Милино – Лозово, патниот правец Каратманово – А3, Ќоселери – А3 и Аџиматово – А3. Овие се неколку патни правци кои се оштетени и имаме уште еден локален пат којшто ги поврзува населените места Милино и Ѓуземелци и истиот треба да биде реконструиран“, додава Цветковски.

Претходниот градоначалник, Ацо Велковски, за случајов од Цветковски ќе заработи и кривична пријава.
„Поради основано сомнение дека е сторител на кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 253 од КЗ и „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка и јавно-приватно партнерство“ по чл. 275 в од КЗ. Како и поради основано сомнение дека изведувачот на работите е сторител на кривично дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка и јавно-приватно партнерство“ по чл. 275 в од КЗ“, додава заклучува Цветковски.
Освен за овој патен правец, Цветковски има сомнение и за криминал во изградбата на пешачка патека, која на хартија е долга седум, а во пракса три метри. Исто така, асфалтирањето на улицата „Октомвриска револуција“ на хартија е во ширина од повеќе од седум метри, а во пракса е стеснета на околу шест.
Ребека Спасова М-Нет