
Оставени пари на возилото за наплата на паркинг услугата е честа слика во центарот на Кочани. Тренд кој е познат за кочанчани, наплатата за паркинг услугата ја вршат на тој начин што оставаат пари на самото возило, а потоа инкасатиорите поминуваат и оставаат фискална сметка. Раководителот на паркинг просторот во Кочани вели ова трае веќе десетина години, и е прифатливо и за граѓаните и за вработените во КЈП Водовод. Иако вели дека има и случаи кога некој ги зема парите од возилото па стои ризикот да се постави блокатор, сепак дециден е дека тоа се ретки случаи.
„Значи овие десет години луѓето се научени на тој начин, оти повозрасните лица не знаат да платат паркинг преку смс и ги оставаат парите на возилото. Инкасаторот наплате и ја оставе фискалната сметка на возилото. Ама има и случаи кога некој ги земе парите од возилото. Затоа луѓето треба да се научат паркинг услуга да плаќаат кај инкасаторите.“ – вели Јанев.
Ваквата пракса на терен е доста позната и за граѓаните. Велат брзиот начин на живот не дозволува губење време, па токму затоа наместо да чекаат да платат за паркинг услугата парите ги оставаат на самото возило. Според нив ова е позитивно, а веќе го практикуваат и граѓаните од останатите градови кои паркирале во центарот на Кочани.
„Многу луѓе ја паркираат колата, немаат време да го чекаат дечкото да наплате стават на бришачот парите. Дечкото помине искуца сметка и ја оставе на возилото. Тоа е прекрасана пракса“ – велат граѓаните во Кочани.
Граѓаните сметаат дека треба да се зголеми бројот на паркинг места во центарот на Кочани, иако според раководителот Јанев псоотоечките ги задоволуваат потребите на граѓаните. Додава дека оправдано е и покачувањето од 10 на 20 денари, а истовремено има доволно вработени кои наплаќаат паркинг услуга во Кочани.
Лаура Стојанова М-Нет