
Паднат потпорен ѕид, причинета материјална штета – ваква слика го разбудила утринава Аднан Мемедов од Штип. Вели околу 6 часот утринава, кога се разбудил, ѕидот паднал според него заради врнежите од дожд и постојаната влага. Околу 700 евра потрошил за да го изгради ѕидот, а сега останал без него.
„Имав ѕид направено, голема штета, од дождот. Сабајле кога станав гледам дека ѕидот ми падна. Насип е тука, оно прво требаше да се направат тротоари, убаво потпор да има и после да се направи патот. Јас сум градежник не се работи така. Ѕидот е 17 метри долг мене ме чинеше околу 700 евра. Материјалот сега е скап“ – вели Мемедов.
Вели со една плата не може повторно да одвои средства за нов потпорен ѕид, а истовремено да одгледува семејство и да преживее. Бара помош од нинституциите и граѓани за да му помогнат и повторно да се изгради ѕид.
„Апелирам до надлежните да дојдат да видат на лице место како е паднат ѕидот, ако може да се помогне. Со една плата не можам ништо да напаравам“ – додава Мемедов.
Од Општината велат дека потпорниот ѕид на Мемедов не е во нивна надлежност, а улицата „Панко Брашнаров“ е реконструирана пред недела дена и тогаш немало никави проблеми со потпорниот ѕид.
Лаура Стојанова М-Нет