
Поплавени улици, подруми и објекти, паднат потпорен ѕид, големи материјални штети, Кочани се опоравува од невремето кое вчера го зафати градот и околните места. Екипи на ТППЕ Кочани и членови од ДПД на терен беа уште во текот на вчерашниот ден, а денеска во расчистување на градот се и екипи од КЈП Водовод Кочани во координација со општината. Од таму посочуваат дека се работи на расчистување на градот со цел непречено одвивање на сообраќајкот како и движење на пешаците.
„Претпријатието работи со максимален капацитет и ангажираност на сите расположливи работници на терен, како и употреба на целокупната механизација. Активностите се одвиваат низ целата територија на Општина Кочани, а во во тек е расчистување на улиците “Маршал Тито”, “Димитар Влахов”, “Теодосие Паунов” и други. Исто така се врши санација и на контејнерите за одлагање на отпадот коишто беа изместени или оштетени во текот на невремето.
КЈП “Водовод” Кочани во соработка со Општина Кочани ќе продолжи со активностите во текот на наредните неколку денови, во насока на целосно санирање на последиците од невремето на терен.“ – стои во соопштението од јавното претпријатие.

Интервенции има и на улицата Боро Ловџија во Кочани каде синоќа заради обилните врнежи од дожд се урна ѕид и земјата е излизгана на самата улица. Од Општина Кочани потенцираат дека од овде за сега сѐ уште не се пријавени штети.
„Дежурните екипи на КЈП “Водовод” Кочани денес интервенираат и вршат расчистување на теренот. Се работи за разрушен потпорен ѕид во должина од неколку метри, а причина за негово оштетување се неповолните временски услови, односно наносот на поројниот дожд кој вчера го зафати Кочани. Се работи на отстранување на градежниот шут кој е настанат како последица на разрушувањето на потпорниот ѕид, за истиот да не преставува опасност при движењето на возилатa.“ – додаваат од Општина Кочани.
Од таму посочуваат дека градот функционира непречено, а дополнителна работа ќе има и во наредните неколку денови во насока на целосно расчистување на последиците од невремето. Заради обилните врнежи од дожд зголемен е и водостојот на реката.
Лаура Стојанова М-Нет