
Ракометарите на ГРК Охрид одиграа маестрален натпревар во Атина и со убедливи 31:26 го совладаа Олимпијакос во првиот четвртфинален дуел од EHF European Cup.
Македонскиот претставник прикажа зрела и сигурна игра на гостински терен, контролирајќи го резултатот во текот на целиот натпревар и заслужено стигна до значајна предност пред реваншот.
Херој на мечот беше голманот Пилиповиќ со дури 16 одбрани, кој буквално го „заклучи“ голот и беше клучен фактор во победата. Во нападот најефикасни беа Лиапис и Иванковиќ со по 7 погодоци, додека значаен придонес дадоа и Стрмљан и Прибетиќ со по 4 гола.
Листата на стрелци ја надополнија Ѓукиќ (3), Борозан (2), како и Ојлески, Јагуриновски, Реј Моралес и Петриќ со по еден погодок.
Со оваа победа, Охрид направи голем чекор кон пласман во полуфиналето, а конечната разврска ќе биде позната на реваншот кој се игра на 4 април во Охрид, каде се очекува полна сала и силна поддршка од домашната публика.
Охрид уште еднаш покажа дека македонскиот ракомет има што да понуди на европска сцена!