
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани – лидер во собирање пластичен отпад. Училиштето ја освои првата награда во едномесечен награден предизвик за собирање пластична амбалажа за рециклирање. Координаторката на активноста, Љубица Теодосиева, истакна дека учениците биле многу мотивирани за собирање пластичен отпад и тоа не им претставувало проблем, зашто била нивна досегашна практика.
„Ова е досегашна практика во нашето училиште. Ние имаме место за одлагање на отпадот и учениците знаат каде да го остават пластичниот отпад од своите домови, а исто така и пластичните амбалажи кои ги користат во училиштето. Од таа причина не беше тешко да се собере оваа количина отпад“, истакна Теодосиева.
Во училиштето не се организирале посебни еколошки акции, едноставно учениците го одложувале отпадот кој го донесувале од дома. Покажувајќи особена заинтересираност за учеството во предизвикот, и родителите и децата успешно собрале голема количина отпад.
Наградата во висина од 3.000 евра им ја донеле 930 кг. собран отпад во периодот од 27 септември до 25 октомври. ОУ „Св. Кирил и Методиј“ е најдобро од вкупно 70 училишта кои учествувале во предизвикот, а од кои 34 се од Скопје и 36 од останатите градови.
Ребека Спасова МНет