Отворено штипското кино на Киноверзум, на првиот ден се прикажуваат пет филма

Со проекција на филмот „Индијана Џонс и артефактот на судбината“, точно напладне, започна со работа штипското кино на Киноверзум. Новата сала која е во рамки на Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ е со капацитет од 142 седишта, а во рамки на истата функционира и продажен пулт за влезници, храна и пијалоци. Штипското кино е со најсовремена опрема, а на првиот ден се прикажуваат пет филма.

„Откако добивме признание од престижното американско списание „Форбс“ за нашата работа со Киноверзум, одлучивме да направиме експанзија на нашиот бренд. Во јануари 2023 отворивме сала во Велес, денес се радувам што имавме можност да ја отвориме салата во Штип со најсовремена опрема досега. Ова е нашиот прв ласерски проектор, очекуваме врвен квалитет на слика и, нормално, ги носиме најдобрите и најновите филмови во Киноверзум во Штип. Штипјани може да очекуваат секој четврток нови проекции“, истакна Михаела Ѓорчева, основач на Киноверзум.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, во оваа прилика истакна дека Општината потпишала договор и го отстапила просторот на Киноверзум со цел штипјани по повеќе од две децении повторно да имаат кино во градот.

„Навистина, ми е задоволство што по 25 години го враќаме киното во Штип. 25 години граѓаните на Штип бараа да се отвори кино-сала, затоа заедно со Киноверзум направивме соработка, го отстапивме просторот на Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ за да се проектираат најновите филмови. Се надевам и очекувам штипјани да го посетат ова кино, коешто е едно од најсовремените, со најсовремена проекција на филмови“, истакна Јорданов.

Инаку, Киноверзум е единствениот македонски ланец на кина кој започна со работа во 2019 година со првото кино во Свети Николе.

Ребека Спасова М-Нет