Започна изградбата на првата катна гаража во Штип, увид на работата извршија Јорданов и Мицкоски

Во Штип почна да се гради првата катна гаража на паркинг-просторот зад Домот на културата. Нешто повеќе од 50 паркинг-позиции на две нивоа ќе треба да го зголемат вкупниот број паркинг-позиции во градот, а со тоа да овозможат намалување на сообраќајниот метеж.

„Општина Штип преку парите на граѓаните одлучи да инвестира во катна гаража на две нивоа. Вкупната инвестиција е 11 милиони денари. Рокот на изведба е 60 дена, очекувам во овој временски рок да се заврши. Предвидени се 56 паркинг-позиции. Ова не е крајна цел, затоа што ќе продолжиме во наредните месеца со уште две нови катни гаражи во централното градско подрачје. Втората катна гаража е помеѓу Стоковната куќа НАМА и првата станбена зграда, а третатата катна гаража е кај зградата Промаја, којашто е едно тесно грло во градот и има потреба од повеќе паркинг-позиции“, истакна Јорданов.

Увид на градежните активности денеска изврши и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој посочи дека во Штип се случува градежна револуција. Според него, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се пример како треба да се реализира она што било ветено во изборната кампања.

„Отпочнува и градбата на катната гаража, којашто е исто така значаен објект за штипјани, бидејќи на тој начин се намалува метежот во сообраќајот и ќе може да биде порастеретен сообраќајот, што ќе значи поголем комфорт за самите граѓани. Јас само можам да му посакам на Иван, на советниците, на луѓето од администрацијата, на пратениците од Штип, да продолжат вака да работат, бидејќи само на овој начин се покажува разлика помеѓу политичари како овие од Владата коишто континуирано лажат, крадат и не го реализираат тоа коешто го ветиле пред граѓаните и градоначалниците коишто доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, коишто тоа што го ветија за време на кампањата го реализираат“, додаде Мицкоски.

Според градоначалникот Јорданов, овој проект заедно со новиот мост на река Отиња и проширувањето на двете главни сообраќајници ќе го намалат сообраќајниот метеж и ќе овозможат побрз проток на возила.

Ребека Спасова М-Нет