
Клиничката болница во Штип, односно инфективното одделение и покрај намалениот персонал работи нормално, изјави денес директорот Д-р Ален Георгијев. Моментално двајца пациенти со дијагностициран коронавирус се на лекување на ова одделение, нивната клиничка слика се цени како стабилна. Од вчера превентивно, во домашна изолација се две докторки и осум медицински сестри од ова одделение. Недостигот со сестри е надминат, а денес ќе се надополни и лекарскиот кадар, вели директорот Георгијев
– „Првобитно се сметаше дека само четири здравствени работници од Инфективното одделение ќе бидат отсранети од работните места, поради сомнителен контакт со пациентка заболена од коронавирус.
Меѓутоа, по вчерашните консултации со епидемиологот, таа листа се прошири и на помалку сомнителните контакти, се со цел да не дојде до ширење на болеста. Така да, ќе се донесе решение осум сестри и две докторки да бидат времено отстранети од работа, за да се види евентуално да не се заразени од корона.
Проблемот со сестрите го решивме, донесовме сестри од другите одделенија. Се работи за искусни сестри, кои и претходно имаат работено на инфективното одделение, а во координација со министерот за здравство ќе го решиме и проблемот со лекарите – рече Ален Георгијев за МНет.
Што се однесува до тековнатата работа на сите одделенија во штипската Клиничка болница, таа се одвива нормално, се вршат итните медицински третмани, а вработените се опремени со целосна заштитна опрема. Болницата располага со три респиратори, а деновиве ќе пристигне уште еден. Инфективното одделение на КБ Штип има капацитет за 35 пациенти и располага со две карантински простории. До денес Ковид-19 е потврден кај 15 лица од Штип и кај едно лице во Кочани. 1146 штипјани се во самоизолација, а 65 се со решение за изолација. Во Центарот за јавно здравје во Штип дневно се вршат тестирања на 13 до 17 граѓани.