
Над 400 дечиња во понеделник пеејќи ја песната за Вечниот Бог ќе го навестат христовото раѓање. Осма година по ред Бадникова поворка ќе се реализира и во Штип. Збирното место е храмот Свети Никола, а дечињата заедно со нивните родители и членови од семејството, пеејќи и со ѕвездички во раката ќе се движат се до плоштадот „Слобода“.
„Децата од нашата Општина придружувани од нивните родители и други членови на нивните семејства секогаш биле дел од најголемата коледарска дружина па така ќе биде и оваа година. Со радост ја најавуваме бадниковата поворка во Штип и ги повикуваме сите деца, младинци, родители и останати членови на нивните семејства да се вклучат во Бадниковата поворка.“ – вели Ристова-Михајловска.
Жолтите божиќни ѕзвездички беа изработени во месец декември. Тие ја симболизираат вителеемската ѕвезда која им го покажала патот на мудреците кон местото на раѓањето на Богомладенецот.
„Во декември 2024 година во Штип беа одржани неколку креативни работилници за изработка на божиќни ѕвезди на кои се пееа божиќни песни меѓу кои и песната Вечнот Бог. Притоа беа изработени околу 400 ѕвездички“ – вели Милорадова.
И оваа година Бадниковите поворки во Штип ја задржуваат својата хуманитарна мисија. Пакети со нерасиплива храна, средства за хигиена и облека ќе бидат поделени на семејства на кои тоа им е најпотребно.
Бадникови поворки ќе се одржат во сите градови и помали населени места во државата. Годинава се зголемува бројот на рурални средини каде за првпат ќе се реализираат Бадниковите поворки. Последните подготвоки се завршени речиси секаде, а за првпат децата пеејќи ја песната Вечниот Бог ќе ја пренесат среќната вест за раѓањето на Богомладенецот и во Чешиново – Облешево и во Спанчево.
Лаура Стојанова М-Нет