
Револтирани и разочарани, оризопроизводители од Новоселани се жалат дека и годинава нивите ќе им останат непосеани со ориз. Иако браната Калиманци е преполна, водата од стариот систем за наводнување не стигнува до нив поради неисправен цевковод. Велат дека со години слушаат ветувања за решавање на проблемот, но без резултат. Поради тоа, денеска излегоа на протест. Дел од нив, како Зоран Станиславов, се соочуваат со дилемата дали да ги посеат нивите или да ги остават да никне троскот.
-Ние сакаме сами да ги правиме, но не ни дозволуваат, ќе организираме, ќе финансираме, ќе го направиме како и други години што сме правиле и нафта сме давале за да функционираме и сега ќе го направиме. Од раководителот на Водостопанство не ни е дозволено. Неговиот одговор е ќе имате вода на тај дел, со мал притисок, а нагоре ќе ви се случе истото како лани не ви гарантирам ништо. Да правиме договори за наводнување нема никој, ја му вети дека ќе ти доведам цело село, за да луѓето потпишат договор, со кој договор ние ќе се обврземе да ја платеме водата во вашиот рок. Вашата одговорност ќе биде ли со снабдување на вода за целата сезона. Не, ќе ви се случи истото сценарио како лани не ви гарантирам ништо.
78 годишниот Георгиев смета дека земјоделците од Новоселани за џабе трчаат и работат по нивите, а поради тоа што до поголемиот дел од нивните ниви не стасува вода за наводнување и нивните деца избегале,не живеат во селото и не се занимаваат со производство на земјоделски култури. Посочува дека изминатите неколку децении, ниту една лопата бетен не е ставена на системот за наводнување.
Полето ни горе, ствараме капитал. Трошкови големи и на крајот ниту откуп на земјоделските производи. Оризот ни го израмнија со житото. Луѓето шо дојдоа не ги обвинуваме, секој сака да насее и жнее, а за да жнее треба да има вода. Бевме кај директорот рекоа дека ќе донесат сајли, ќе спроведат, ќе го откријат дефектот, ќе го отклонат запушениот канал. Никој не доаѓа, директорот на Водостопанство Кочани убаво се поплака „немаме пари за пенкало, од дома пенкало си носеме. Скопје не ни дава пари“. Епа Скопје ако не ни дава пари нека дојдат нека затворат канало, нека ни го ослободат полето. Имитација село град, овие се два-тројца тука живеат Пробиштип, Штип и Кочани. Останаме ние пет-шест души –чопави. Сите ни избегаа од тука. Зошто да седат моите деца, ќе насее, а да не жнее. Да створе трошок? На кого ќе го даде тоа што ќе го произведе и тоа не се откупува
Директорот на Водостопанство „Брегалница“ Горанчо Зашков вели дека проблемот со системот за наводнување за нивите во атарот на село Новоселани е од 1985 година, кога на диво е изграден цевководот од селото Жиганци до Новоселани. МГС тон Горанчо Зашков директор на АД Водостопанство „Брегалница“-Кочани
Значи тој цевковод не го правел Водостопанство и не е направен по никаков стандард. Ниту има испусти, ниту има шахти и тоа во должина од три километри. Минатите шест-седум години има материјал, запушено некаде, со што цевководот го намалува капацитетот на водата. Така да капациетот на водата е смален скоро на 40%. Ние веќе два месеци одеме, се трудеме да го откриеме дефектот и не можеме да го лоцираме каде е конкретно проблемот. За во понеделник населението се запознаени на три места ќе го пресечеме и ќе видеме дали може да го најдеме проблемот. Доколку не го најдеме проблемот, ние како Водостопанство можеме само да кажеме дека цевководот е технички неисправен и буквално да се премине на не наводнување на ориз туку само за наводнување на пченка
Зашков посочува дека за реконструкција на овој цевковод е голема процедурата, бидејќи за она што е градено на диво сега ќе треба основен проект, изведувач, а според нивни проценки би чинела околу еден милион евра. Тој се надева дека наредната недела обидот за да се лоцира дефектот на цевковод ќе биде успешен, со што ќе го оспособат за дистрибуција на водата за наводнување.
Во кочанскиот регион во тек е сеидбата на оризот, а се очекува да бидат посеан на површина од 3.500 хектари.
Иван Митев, М-Нет