Оризопроизводителите од кочанско повторно на протест, ако нема цени ќе нема ниту ориз

Трошоците зголемени за 60 до 70%, жетвата на белото злато во кочанско најслаба до сега, цената неисплатлива. Ова ги натера оризопроизводителите денеска повторно да излезат на масовен протест на неколку пунктови, со блокада на патниот правец Кочани – Штип и да си бараат своите права. Велат не сакаат да протестираат, но маката и ниската откупна цена на оризот доведуваат до ситуција да не можат да си ги покријат сопствените обврски и да си купат дрва за огрев.

„Откупната цена да биде 40 денари со 45 денари. Ние разговаравме со министерот во Скопје и производната цена од страна на министерот беше 27 денари. Ако ние немаме 40% на тоа ние немаме зошто да го сееме оризот. “ – вели Арсов.

И покрај разговорите со надлежните и откупувачите, постигнат договор сѐ уште нема. Ова е една од главните причини поради кои стагнира и жетвата. Ако минатата година овој период се собирале 50% од жетвата, денесе се собрани само 5 до 10%.

„Зачудува фактот што сзѐ уште нема официјални резултати од разговорите со надлежните, бидејќи има повеќе од 30 дена како се утврдени производните цени, тие изнесуваат 27 денари, откупот се одвива по цени од околу 24 денари што е недозволиво и од тие причини стагнира жетвата на оризот. Во минати години во овој период имаше собирање на 50 % од реколтата, а денес е од 5 до 10% соберена. “ – вели Јанев.

Помалдите земјоделци гледајќи и живеејќи ја ваквата ситуација велат приморани ќе бидат да ги напуштат нивите, а со тоа ќе замре и земјоделието.

„Со зголемувањето на трошоците уште повеќе ќе мора да ги напуштиме нивите и да бараме спас во некоја друга дејност. Верувале или не ако еден човек ја напушти нивата еднаш, тој повеќе нема да се врати таму. Имаме пример во нашите села, ако се напуштат 10 – 20 декари повеќе не се враќаат назад“ – Ташков.

На денешниот протест беа поканети и надлежните, но никој не дојде. Оризопроизводителите велат ако не се излезе во пресрет на нивните барања протестите ќе се радикализираат.

Лаура Стојанова М-Нет