
Започна жетвата на оризот, но не се решија проблемите за оризопроизводителите. Велат дека со последната цена која ја добиле за откуп од фирма од 26 до 30 денари, ситуацијата е катастрофална. Дополнително во амбарите стои и ланскиот ориз, па откуп не можат да најдат ниту за него.
„Сеега тие сорти кои ги жнееме земјоделците нема каде да ги складираат, а се на зор да ги продаваат бидејќи се должни. Оризот сега не се откупува. Последна цена е од 26 до 30 денари. Тоа е катастрофа.“ – вели Максимов.
„Спанчево, Соколарци, Облешево, Бање… Тамо приносот се движи од 400 до 500 килограми, се друго е излишно, тоа се невистини, 800 килограми тоа е утопија. Кога почнуваше сиедбата се радувавме, сега кокга почнува жетвата – плачеме. Оризарите се ставени во најнезавидна положба од историјата на оризопроизводството.“ – вели Арсов.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски вели дека производната цена се уште не е утврдена. Но, дециден е дека фирмите ќе вршат откуп и на ланскиот ориз по цена задоволителна за оризопроизводителите.
„Се уште не сме утврдиле производна цена. Од разговорите со оризопроизводителите првичните информации говорат дека ќе имаме зголемен род, богата жетва согласно тоа и квалитетот ќе биде добар. Останата количина од минатата година сметам дека е многу помала и во разговор со компаниите дел од нив почнуваат да го откупуваат и ланскиот ориз.“ – вели Трипуновски.
Оризарите од кочанскиот регион посочија дека неколупати до сега разговарале со надлежните за надминување на проблемот со откупот на ориз. Се надеваат на добри цени и задоволителен откуп.