
Оревот уште од одамна се смета за идеална храна за мозокот. Како богат извор на омега-3 масни киселини, кои се одговорни за правилно функционирање на мозочните клетки и невротрансмитерите одговорни за промена на расположението, важи за многу корисен јаткаст плод. Садниците може да се насадат помеѓу ноември и април, а по одредено време правилно одгледување ќе го добиете и плодот. Лазо Стојанов од радовишкото село Дамјан на штипскиот пазар продава и ореви, и семки од тиква. Вели да се одгледува не е тешко, само треба многу дожд и наводнување.
„Има ореви, има. Оревот сака дожд, да нема слана или мраз оти ќе измрзне. Имам и семки од тикви, има тикви. Долго време продавам на пазарот“, вели Стојанов.
И семките, и оревите може да бидат одлична здрава замена за нездравите грицки. Освен како грицки, може да се консумираат и како додаток во различни салати, миксови од семиња, но и путери и различни намази. Стојанов додава дека цената е прилично пристапна, а и не бараат посебни услови за одгледување. Побарувачка има, што значи дека луѓето се свесни за нивната корисност.
„Добро е, има побарувачка. Сега засега се троши. Цената е добра“, додава Стојанов.
Сепак, како и за останатите земјоделски производи, овошја и зеленчуци, иднина не може да се вети, бидејќи веќе нема кој да работи. Како што вели Стојанов, тој и неговата сопруга се, веројатно, последните кои ќе се занимаваат со одгледување и ќе продаваат по пазарите. Да се егзистира само од ова и онака не може, но може да се закрпи крај со крај ако се додадат уште неколкуте други производи коишто ги продава Стојанов.
Ребека Спасова М-Нет