Крводарителска акција во ОК на ВМРО – ДПМНЕ Штип по повод 23 Октомври

Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ со крводарителска акција го одбележа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Крводарителската акција се одржа во просториите на Општинскиот комитет, во соработка со регионалниот центар за трансфузиологија во Штип, а во периодот од 9 до 15 часот. Претседателот, Душко Иванов, упати порака и повик со цел што почесто и помасовно вклучување во вакви хумани акции.

„Под мотото „Биди храбар, дарувај крв“, ОК на ВМРО – ДПМНЕ Штип организира крводарителска акција. Ги поканувам сите сегашни и идни крводарители да одвојат неколку минути од празничниот ден, затоа што, можеби, денес, а во иднина, сигурно, тоа ќе значи живот за некого. Воедно, од името на ОК Штип и од мое лично име сакам да ви го честитам Денот на македонската револуционерна борба, 129 години од ВМРО, а борбата продолжува и ден денес. Нека ни е честит празникот и нека ни е вечна Македонија“, истакна Иванов.

Како што велат од ОК во Штип, крводарителската акција е успешно реализирана, со што се собрани задоволителен број крвни единици. Од таму упатија благодарност до сите хумани граѓани и додаваат дека ваквата иницијатива традиционално ќе продолжи и следната година, на одбележувањето 130 години од македонската револуционерна борба.

Ребека Спасова М-Нет