
Црни ѕидови, изгорени предмети, врати и прозорци и станари кои ја расчистуваа зградата, револтирани од негрижата на институциите. Ова утринава беше сликата на ул. „Широк дол“ бр. 5 во Штип, каде вчеравечер во голем пожар изгореа два стана. Сомнежот на станарите е дека во станот во кој избувнал пожарот станарката користела свеќи, бидејќи немало струја, а другата алтернатива е дека пожарот настанал од плинска боца во станот. Потресено раскажуваат за вчерашниот немил настан во кој секој се обидувал да спаси жива глава.
Станарите револтирано велат дека во овој стан да избувне пожар не е првпат, но никогаш не било со волкав размер. Проблеми имале сите во зградата, потпишувале петиции, се обраќале до институции, но решение никогаш не добиле.
Освен станарите, во акцијата за расчистување се вклучи и ЈП „Исар“, механизацијата и работниците беа на терен во 11:30 часот.
„По вчерашниот немил настан, односно опожарувањето на станбени простории, за среќа, настаната е само материјална штета. Ние како јавно претпријатие со механизација и со луѓе ќе помогнеме на овдешните станари со цел колку – толку враќање во првобитната состојба“, истакна Трајче Здравков, в.д. директор на ЈП „Исар“ – Штип.
Пожарот, кој вчера избувна околу 18:30 часот, беше изгаснат по едночасовна интервенција на 15 пожарникари со три противпожарни возила од ТППЕ – Штип. Беа евакуирани сите станари од зградата, а интервенираше и брзата помош поради вдишување чад кај неколкумина од нив. Опожарената зграда и дел од населбата вчера останаа и без електрична енергија. За среќа, нема жртви, ниту повредени, причинета е само голема материјална штета.
Ребека Спасова М-Нет