Општина Штип распишува јавен повик за материјална поддршка на спортските клубови

Јавен повик за материјална поддршка на спортските клубови, здруженија и институции распишува Општина Штип. Аплицирањето е во четири категории, а конкурсот ќе биде објавен јавно во понеделник и ќе трае до средината на месец март.

„Општина Штип врз основа на Правилникот за условите, начинот и постапката за доделување на материјална поддршка на спортските клубови, спортските здруженија и спортските институции кои извршуваат јавен интерес од областа на спортот во општина Штип, како и за поддршка на спортските манифестации кои се одржуваат на територија на општина Штип, има за цел да распише јавен повик за доделување на финансиски средства за материјална поддршка на спортските клубови, спортските здруженија и спортските институции. Истите може да аплицираат во четири категории, во кои спаѓаат котизација (годишна членарина за натпреварување во националните лиги), понатаму годишна програма за реализација на активности од спортската програма на клубовите, материјална поддршка за институциите кои имаат проект од особен придонес за развој на спортот, како и материјална поддршка за организација на спортски манифестации. Повикот ќе биде отворен на 7 март и ќе трае 7 работни дена, до 15 март. Истиот ќе може да се најде на официјалната страна на Општина Штип, на огласната табла и како соопштение во регионалните и националните медиуми“, истакна Дејан Здравков, претседател на Комисијата за спорт.

Општина Штип секоја година по јавен повик одобрува и одвојува финансиски средства за поддршка на спортски клубови на подрачјето на општината. Условите и правилата дополнително ќе бидат образложени при објавувањето на конкурсот.

Ребека Спасова М-Нет