Општина Штип оттуѓува 12 парцели на територија на Штип преку јавно наддавање

Општина Штип започна постапка за оттуѓување на градежно земјиште низ повеќе населби на територијата на Штип. Оттуѓувањето е по пат на електронско наддавање, за кое граѓаните може да аплицираат најдоцна до 19 јуни, а јавното наддавање ќе се одржи на 22 јуни. Станува збор за 12 парцели со повеќе намени

„Осум се за индивидуално домување. Две од градежните парцели се со намена домување во колективни станбени згради и две парцели за изградба на индустриски капацитети, лесна и незагадувачка индустрија. Јавното наддавање ќе се одржи на 22.6. на веб-страната gradezno-zemjiste.mk, каде што заинтересираните може да добијат и повеќе информации“, истакна Лазар Хаџи Николов, соработник за управни работи.

Достапни парцели има во населбите Баби, Сењак и Балканска, а најмногу од нив се во населбата Баби.

Почетната цена на градежните земјишта е од 61 денар, па до 1635, а станува збор за површини кои почнуваат од 288 па до најмногу 2970 метри квадратни.

Ребека Спасова М-Нет