
Општина Штип објави јавен оглас за работно ангажирање лица во рамки на Програмата за извршување на јавни работи.
Ангажманот ќе се реализира преку Јавното претпријатие „Исар“ – Штип, Јавното претпријатие „Стипион 2011“, како и во месните и урбаните заедници на територијата на општината.
Според јавниот оглас, лицата кои ќе бидат ангажирани ќе извршуваат активности од јавен интерес. Работните задачи опфаќаат одржување и чистење на јавни и зелени површини, комунална хигиена, како и чистење на атмосферски канали. Во рамки на ангажманот предвидено е и фарбање, како и извршување подготвителни, земјени и градежни работи, во зависност од потребите на терен.
Работно ангажираните лица ќе бидат распоредени преку јавните претпријатија и месните и урбаните заедници, каде што ќе учествуваат во спроведување на предвидените активности согласно Програмата за јавни работи.
Во јавниот оглас се наведени условите за пријавување, како и начинот на поднесување на пријавите. Дополнителните информации поврзани со работниот ангажман, времетраењето и условите се содржани во самиот оглас, објавен од Општина Штип.
Иван Митев, М-Нет