
Општина Штип и економскиот оператор за заловување на кучињата скитници ветеринарната станица „Тодор Велков“ најавуваат тужби за здруженијата за заштита на животните, бидејќи ширеле лаги и дезинформации. Ако во рок од 14 дена не се извинат здруженијата јавно, тужбите ќе бидат поднесени. Градоначалникот, Иван Јорданов истакна дека се што е изнесено во јавноста е неточно и дека бездомните кучиња хумано се третираат.
„Разни шпекулации и дезинформации се пласираа во јавноста кои сакаме да ги демантираме, воедно заради овие дезинформации, шпекулации и нарушување на угледот и на Општина Штип и на операторот ќе добијат тужби и од двете институции. Се она што сакаме да го споделеме е дека постапката за избор на оператор, фирма која ги заловува бездомните кучиња е транспарентна, законски онака како што предвидува Законот. Претставниците на здруженијата беа вклучени во самата постапка“ -кажа Јорданов.
Од ветеринарната станица Тодор Велков велат дека не знаат кој е мотивот за да се шират вакви лаги во јавноста, но уверуваат дека бездомните кучиња се заловуваат и хумано се третираат.
„Ние заловуваме во шест општини и ни го рушат рејтингот. За ваша информација во периодот од почнувањето на заловување во август и септември се заловени 45 кучиња од кои само две се еутанизирани, 30 се вратени и се понудени на вдомување. За ниту едно не е појавен интерес од овие здруженија. Лично со мојот тим вдомивме во Општина Штип четири кучиња. “ – додаде Пешевски.
Од ветеринарната станица истакнаа дека се работи професионално, дури по стандарди на ЕУ кога се во прашање заловувањето и хумното третирање на бездомните кучиња.
Лаура Стојанова М-Нет