
Општина Карбинци и градоначалникот преку ЗЕЛС ќе бараат дотации од Владата за исплаќање на придонесите од минималната плата која се исплаќа сега до онаа која ќе се исплаќа од месец март. Според Паунов, тоа што Владата нема слух за барањата на Општините и продолжува со арогантниот однос, само ги продлабочува проблемите. Освен исплаќањето на сметките за струја, проблем ќе биде и исплаќањето на платите со зголемувањето на минималната плата.
„Во делот на зголемувањето на минималната плата дадовме поддршка, меѓутоа и овде треба дополнително да се размисли до Владата, да може да најдеме начин да бидат дотирани оние коишто навистина треба да ги исплаќаат овие плати и овие зголемувања на минималецот. Општините во овој момент ја трпат најголемата штета од сите овие мерки“, истака Паунов.
Инаку, карбинското јавно претпријатие „Плачковица“ е со долг од околу 17 милиони денари по основ на потрошена електрична енергија. Да се платат сметките за струја и отплати долгот, секако, е проблем за Општината, а како што рече и Паунов, сите нови мерки на Владата наместо во полза, најмногу се на штета на Општините. Владата со покачувањето на минималната плата истакна дека ќе ја покрие целокупната разлика од 15.200 до 18.000 денари за приватните компании, а за истата цел обезбедени се субвенции од 48 милиони евра годишно.
Ребека Спасова М-Нет