
Зелена офанзива во Штип најавува ЈП „Исар“. Со подобрувањето на временските услови, дрвја ќе се засадат на местото на паднатите при изведувањето на градежните активности во врска со конзолите, но ќе се раззеленат и други места во градот. Освен дрвја во кружните текови и парковите низ градот ќе се засадат и цвеќиња, кои се лично производство од расадникот на јавното претпријатите.
„Дрвцата кои тогаш беа отстранети заради поставување на бекатонот, денес се заменети со 14 нови садници, црн јасен , производство од расадникот на ЈП „Исар“. Ние направивме напори уште од зимниот период да обезбедиме повеќе дрвни и цветни насади, така што сега со подобрување на временските услови ќе почнеме една офанзива да посадиме повеќе дрвца, да ја раззеленееме животната средина“ – кажа Здравков.
Како што додаде и градоначалникот Јорданов ваквите активности се со цел заштита на животната средина и затоа ќе ги интензивираат активностите околу пошумувањето и ќе го одржуваат постоечкото зеленило.
„Заштитата на животната средина е наш приоритет. Денес временските услови ни дозволуваат да започнеме садење на дрвја долж коритото на река Отиња. Она кое го најавивме за секое паднато дрво при градежните активности, ќе засадиме 20 нови дрвја. Го најавувам дека во наредниот период ќе почнеме со пошумување на некои делови од нашиот град, за раззеленување и за подобрување на животната средина“ – додаде Јорданов.
Дел од старите оштетени дрвја јавното претпријатие ги доделило на социјални семејства, а останатиот дел се однесени на расадникот на јавното претпријатие. Според Здравков, расадникот во моментов има доволно дрвја црн јасен, а други видови може да набавуваат од приватен набавувач. Што се однесува до цвеќињата, од истите има доволно и тоа повеќе видови.
Ребека Спасова М-Нет