Бандерите отворени, каблите незаштитени, граѓаните во Штип загрижени за својата безбедност

Бандерите за уличното осветлување во централното градско подрачје, но и во останатите населени места во Штип небезебедни за граѓаните. Имено, каблите остануваат незаштитени, бандерите отворени, граѓаните загрижени за својата, но и безбедноста на децата во градот под Исарот. Велат треба да се реагира.

Директорот на ЈП Стипион, Игор Ефтимов вели дека интезивно се работи на решавање на овој проблем, бидејќи навистина преставува проблем. Но, истовремено додаде дека се соочени со ситуација да граѓаните ги оштетуваат и крадат капаците кои се поставуваат и затоа бандерите се отворени.

„Изминатиов период отакако стапив на функција директор на ЈП „Стипион“ постојано екипите на јавното претпријатие кои што се задолжени за уличното осветлување излегуваат на терен и ги санираат проблемите од овој карактер. Се соочуваме со голем проблем бидејќи капаците од бандерите ги крадат или намерно ги оштетуваат. Еве еден апел до граѓаните на Општина Штип да не го прават тоа, бидејќи може да се случи некоја несакана последица, остануваат жиците голи, незаштитени. Меѓутоа, ние ги имаме забележано сите бандери, ги имаме документирано сите бандери и доколку вашата камера има забележано на голем дел од бандерите се санирани овие пробелми. Останува уште некоја бандера која верувам дека во претстојниот период ќе биде санирана“ – кажа Ефтимов.

Ефтимов додаде дека бандерите се затвораат со штрафови со што би биле побезбедни и потешко би можело капаците да бидат оштетени или украдени.

Лаура Стојанова М-Нет