ОО СДСМ Штип: Мицкоски очајно глуми, Јорданов е најголемото разочарување за штипјани

Смешна е посетата на Мицкоски во Штип оти Јорданов за речиси една година мандат не може да го прошета на проект реализиран од неговата програма, реагираат од ОО на СДСМ Штип. Според нив, Јорданов е најголемото разочарување за штипјани, а посетата на Мицкоски нема да ја прикрие неговата неспособност да го води градот.

„Смешна е денешната посета на Мицкоски во Штип во време кога локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ нема реализирано ниту еден капитален проект, а градот е во стагнација. Сведоци сме денес на евтин популизам и очаен пи ар на ВМРО-ДПМНЕ, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето, комуналната хигиена и ниту еден реализиран проект на локалната власт. Јорданов требаше да го прошета неговиот лидер Мицкоски на обиколницата која што ја ветуваше, на катните гаражи, да се пофали со градски превоз, новите градинки во нас. Три Чешми и Македонка, подземните контејнери, нови канализациони и водоводни мрежи, скејт парковите и реконструираните училишта. За скоро една година од мандатот Јорданов не реализира ниту еден проект од неговата предизборна програма.“ – стои во писмената реакција на СДСМ Штип.

Според нив, ова е само очајна глума на Мицкоски за тоа дека неговите градоначалници нешто работат, што се обидува да го докаже по конфликтот со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

Ребека Спасова М-Нет