
Околу 50 граѓани во Општина Чешиново – Облешево пријавиле штета од поплавите. Процесот за пријавување веќе е завршен, а најголем дел од пријавите се однесуваат на штети кои ги има во нивите и во дворовите. Штети се регистрирани и кај бунарските системи, бушотини и хидрофори кои ги имале во своите дворови, како и кај оризот кој се чувал во амбарите.
„Процесот за пријавување на штети е завршен, списокот е направен од луѓе кои ги пријавија своите штети. Близу 50 луѓе се одѕваа на повикот да ги пријават своите штети. Голем број од тие луѓе кои пријавија штети пред се се однесуваат на ниви засеани со есенски посеви и неожнеан ориз.“ – вели Костадинов.
Граѓаните велат сега ситуацијата е стабилна, водата е повлечена, но штетите остануваат. Пред сѐ најголема штета има во оризовите ниви, бидејќи околу 20% од оризот остана неожнеан. Врнежите од дожд и каливите површини оневозможија влез на механизација, а земјоделците дополнително со напори да го спасат оризот кој стои во амбарите.
Општина Чешиново – Облешево формираше и комисија за проценка на штети која во наредниот период ќе излезе на терен. Понатаму списокот со штети ќе биде испратен до соодветните институции и министерства со цел да се обештетат граѓаните.
„Во однос на проценката на штета, нашата задача ќе биде само да формираме комисија. Ние веќе имаме формирано комисија која е пред се за тоа да напишат список на штети кој подоцна ќе биде доставен до соодветните институции и до министерствата и да се обештетат граѓаните.“ – додава Костадинов.
Крајот на минатиот месец се излеа кочанска река при што беа поплавени неколку населени места во Општина Чешиново – Облешево. На терен се реагираше веднаш со тешка механизација со цел да се санираат дефектите и да се отстрани водата од дворовите и нивите на граѓаните.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет