
Варената пченка со пепел е дел од вековниот адет за утрешниот празник Варвара, кога според народното верување се „заваруваат“ денот и ноќта. Токму поради тоа, уште рано утринава повозрасни граѓани на Штип излегоа во потрага по добро познатата мумуруска на градскиот пазар. Оваа пченка денеска тешко се најде на тезгите, а ја понудија само неколку земјоделци од селото Лесковица. Се продава по цена од 80 денари за килограм, иако производителите велат дека родот годинава е добиен со голем труд и работа.
,,Мумуруската е домашна, јас си ја произведувам и сега си донесов на пазарот. Имав бела ја продадов, црвената ми остана сега нејзе ја продавам. Ја произведувам во с. Лесковица Спрема сушното лето, сум задоволна од производството. Белата ја продавам 100, а црвената ја продавам 80 денари. Граѓаните доагаат, купуваат. Сите што си имаат интерес, кој сака да си сваре, да си направе адето спрема дено и на дено купуват си. Според адетот одвечер се вари мумуруската спрема денот, кој си има дома оган сваре си ја одвечер , кој е на работа исто така, а кој е слободен може и утре. На Варвара нашите велат мора нешто да се сваре за да се заварува убавината и да има преку целата година.“, велат производителите
Процесот на подготовка на мумуруската е долг и бара посебно внимание, но и искуство што се пренесува со генерации. Производителите велат дека токму варењето со пепел и ја дава препознатливата мекост и вкус, без кој не може да се замисли трпезата за Варвара
,,Измиеш убаво ќе ја ставиш да се вари, варе се едно 15 минути без пепел, потоа ставиш пепел, варе с едно полат сааат до саат, зависи од тоа како ќе фрле лушпата, ако се по бргу варе помалку време ќе се варе, ако се по бавно варе повеќе време ќе се варе со пепл. Истругаш ја убаво. Истругаш ја у решето.“, додаваат производителите
И граѓани кои ги сретнавме таму, велат пченката вечерва ќе ја откиснат, за да утре рано наутро ја подготват, затоа што како што велат, таков е адеот кај нас во Штип.
Инаку Св. Варвара се празнува секогаш на 17 декември, менува ден, но никогаш датум.
Иван Митев, М-Нет