Околу 120 илјади пластични шишиња и лименки завршиле во вендинг машините за само два месеци во Штип

Рециклираат ли граѓани во Штип отпад? Праксата покажува дека само за првите два месеци од оваа година во вендинг машините кои се поставени во поголемите маркети завршиле 120 илјади пластични шишиња и лименки. Ова е со придобивка и за граѓаните и за општината, бидејќи со рециклирањето на шишиња граѓаните собираат зелени поени кои понатаму можат да ги искористат, а општината придонесува за почиста животна средина.

„За јануари и февруари оваа година од трите машини во трите поголеми маркети има селектирано околу 120 илјади пластични шишиња и лименки, со што граѓаните собираат зелени поени и од истите финансиските средства може да ги користат преку купување на ваучери.“ – вели Везенков.

Засега на територија на Општина Штип вендинг машини има поставено на три локации, а тенденција е да се постават и во останатите поголеми маркети со цел граѓаните да не ги мешаат пластичните шишиња во контејнер заедно со останатиот комунален отпад.

Како што вели Везенков потребни се едукации ама и акции со кои граѓаните ќе го селектираат и останатиот отпад уште од домовите пред истиот да заврши во контејнер.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет