
Од денес нула отсто ДДВ на основните прехранбени производи. Министерот за економија, Крешник Бектеши, потсетува дека согласно со одлуката на Владата од пакетот мерки за ублажување на кризата, од денес за дел од производите нема се плаќа ДДВ.
„ДДВ е нула отсто за лебот, брашното тип – 400, млекото (со масленост 2, 3,2 и 3,5 проценти), белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и другите кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата. Апелираме до граѓаните да си ја побараат својата фискална сметка во маркетите.“ – пишува Бектеши.
Од Управата за јавни приходи потенцираа дека продажните објекти кои ги продаваат веќе споменатите производи при малопродажба, потребно е да издаваат фискална сметка со даночна стапка од 0%, односно со ознака „Г“ за добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност.
Меѓутоа, граѓаните попладнево не го забележуваа намалувањето на цените, напротив, велат, во маркетите цените секојдневно се менуваат и тоа во нагорна линија.
Инаку, оваа обврска произлегува од Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, одлука која е дел од 26 мерки. Оваа одлука ќе биде на сила до 31 мај годинава.
Ребека Спасова М-Нет