Овче Поле се „сопна“, Брегалница убедлива, високи победи и за Осогово и Дојранско Езеро

16-тата рунда од Третата лига – Исток донесе изненадување откако Карбинци среде Свети Николе откина два бода од фаворитот Овче Поле, играјќи 2:2.

Со овој „кикс“ Овче Поле се одалечува од трката за првото место и нов бараж за Втора лига, откако лани третолигашот од Свети Николе играше бараж за влез во Втора лига, но беше убедливо поразен од Арсими од Чегране. По само шест минути игра на Градскиот стадион во Свети Николе гостите го отворија резултатот преку Коцев.

Домашниот тим се мачеше и дури во 43. минута стигна до 1:1 со голот на Дарко Нацев, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел гостите преку Спиридонов повторно стигнаа до ново водство од 1:2, а во финишот од мечот Симонов обезбеди бод за домашниот тим откако постигна гол за конечни 2:2.

Брегалница на домашен терен во Делчево со 3:0 славеше над Рудар, во натпревар кој беше решен во вториот дел преку двата погодоци на Антон Ратков и третиот гол кој беше дело на Валери Стаменовски.

Осогово без проблеми славеше на гостувањето кај Академија Чешиново-Облешево беше сигурен со 1:3 и сигурно „гази“ кон бараж за Втора лига.

Резултатот беше отворен пред крајот на првиот дел преку Ѓоргиев со што на полувреме резултатот беше 0:1. ВО вторито дел Крстов обезбеди двојна предност во 68. минута, а домашниот тим преку Ивановски намали на 1:2 десет минути подоцна.

Во финишот од натпреварот Тоше Манов постигна гол за конечните 1:3 и ги реши сите дилеми за трите бодови.

Во Градско Балдовци, Спартмани и Вардарски од Богданци го поделија „пленот“ играјќи 2:2. Сите четири погодоци беа постигнати во вториот дел, а Црнгаров во 49. минута прв го доведе Спартмани во водство, кое траеше само шест минути, откако Шишков постигна гол за 1:1.

Глигоров обезбеди нова предност за домашниот тим, откако погоди во 70. минута, а на пет минути пред крајот Баламов постигна гол вреден голем бод за гостите од Богданци.

Дојранско Езеро на домашен терен со 4:2 ја „шокираше“ Тиверија и обезбеди три бодови на своето конто за прогрес на табелата. Домашниот тим преку Илиев и Коколански имаше двојна предност, а пред крајот на првиот дел Черкезов постигна гол за 2:1 на полувреме. Во вториот дел Џокиќ погоди за 3:1, а Тимов намали на 3:2 во 86. минута со што струмичани се обидуваа до последниот судиски свиреж да стигнат барем до бод, но сепак Јанкулов три минути подоцна постигна гол за конечни 4:2.

Во оваа коло слободна беше екипата на Малеш од Берово.