
Третолигашот Овче Поле ги започна подготовките за новата сезона со првиот собир и тренинг на Градскиот стадион во Свети Николе. Целта на тимот е една – влез во Втората македонската фудбалска лига.
Стручниот штаб ќе биде предводен од Јорданчо Трендафилов, а негови помошници ќе бидат Тони Серафимов и Андреја Ефремов, а на првиот тренинг беа речиси сите играчи, додека пак во следните денови ќе се приклучат уште неколку играчи.
Костурот на екипата останува ист од претходната сезона, додека тимот е надграден и засилен со неколку играчи. Нови имиња во тимот од Свети Николе се Никола Стоиловски кој доаѓа од редовите на второлигашот Осогово, Метин Ќерими од Беласица, Андреј Славевски од младинските категории на Њу Старс, Стефан Антониев од младинскиот погон на штипска Брегалница, а со него во пакет доаѓаат и Горјан Кочиев и Филип Митев.
Во следниот период се очекува уште неколку засилувања, а ќе бидат одиграни и неколку контролни натпревари за проверка на формата.
Минатата сезона Овче Поле беше блиску до првото место, но не успеа во таа цел откако Победа Валандово стана шампион. Годинава, тимот од Свети Николе цели кон првото место и шампионскиот пехар во Трета лига регион 3, а потоа преку бараж да бара место за влез во Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет