
Инфлацијата во април е 0.6%, што значи практично и како да нема инфлација истакна денеска на прес конференција министерот за економија, Бесар Дурмиши. Вели дека се не се забележува драстично покачување на цените на производите, па како што вели мерките од изминатиот период вродиле со плод.
„Официјално податоците покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула во споредба со март и имаме покачување од само 0,6%. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6% што значи дека е во стабилна фаза. Цените на храна се речиси не променети, само 0,3% годишно зголемување и морам да потенцирам дека ако споредиме декември 2024 со април 2025 имаме дефлација“ – вели Дурмиши.
Во оваа прилика Дурмиши им порача на дистрибутерите, производителите и трговците да се однесуваат одговорно и да не ги покачуваат цените на производите без економска оправданост. Додава дека инспекции постојано ќе бидат на терен и во наредниот период, и ако се забележат зголемување на цени ќе следуваат и поригорозни казни.
Дурмиши истакна дека доколку има потреба ќе се менуваат членови од Закон со цел Државен пазарен инспекторат да може да врши контрола и на цените на зелените пазари.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет