Нов урбан изглед и услови за домување ќе добие штипската викенд населба Плуждино

Се работи на планираните активности во викенд населбата Плуждино од страна на Општина Штип. Во прва фаза е асфалтираање на пристапите до неколку улици во населбата, но ќе се работи и на реконструкција на водоводната и канализационата мрежа. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека временската рамка која е планирана за целосна реконструкција е во период од околу една година, со што целосно ќе се уреди викенд населбата.

“Се наоѓаме во викенд населбата Плуждино, овде се планирани одредени активности од страна на Општина Штип за урбанизирање на ова населба. Во прва фаза се асфалтирани пристапите од неколку улици во населбата Плуждино до оние точки каде што практично има стеснување. Целта во иднина е да се започне со инсталирање на подземна инфраструктура и водоводни цефки за да се продолжи со асфалтирање на улиците во самата викенд населба.“ – изјави Јорданов

Во викенд населбата Плуждино ќе се гради и резервоар кој е непоходен за водоснабдување за жителите од оваа населба. Со ова ќе се овозможат услови за домување, односно викенд населбата Плуждино да се пренасочи и како населба за домување.

„Најпрво ќе се работи на изградба на резервоар кој е неопходен за водоснабдување на овој дел од градот. Паралелно со комуникација на жителите ќе се врши инсталирање на водоводна инфраструктура и водоводни линии во рамки на целата населба кои ќе бидат поврзани со линија два и со главниот резервоар. По завршување на овие активности ќе се дозаврши асфалтирањето на пристапните улици кои веќе до одредена точка се направени.“ – додава Јорданов

Населбата Плуждино освен тоа што ќе добие нов асфалтен слој и нова водоводна мрежа, во истата населба ќе се работи и на проект за осветлување каде населбата ќе добие нов модерен и урбан изглед.

Јорданов посочи дека ова било предизборно ветување на жителите во населбата, па во следниот период ќе се работи и на асфалтирање на други улици во Стар Караорман, наслбата Балканска и други улици за кои се предвидени активности за уредување и асфалтирање.

Лаура Стојанова, М-Нет