Нов триумф за пионерките на Астибо во Штип совладата Јехона

Продолжува победничката серија на пионерската екипа на Астибо откако младите ракометарки предводени од Марија Анчева забележаа нов триумф над Јехона на домашен терен, а во рамки на 5. коло на пионерската женска лига.

Триумфот за штипскиот тим беше со 20:15, а со тоа Астибо стигна до своето четврто сезонско славје и со тоа има осум бодови на своето конто. Младите ракометни надежи на Астибо имаат само еден пораз од лидерот Ѓорче Петров.

Во однос на самиот натпревар Астибо тргна одлично кога имаше серија од 6:1, а потоа гостинот се обидуваше да фати резултатски приклучок и намали на 11:7, но немаше сили за нешто повеќе. На крајот конечниот резултат беше 20:15 за Астибо.

Мелани Неделкова беше најпрецизна кај Астибо со девет погодоци, додека пак кај Јехона се истакна Монера Муслију.

Во однос на останатите резултати Чаир загуби од Вардар со 13:19, Спартак беше пресилен за Кале М-К од Кичево со 17:12, Охрид загуби од Шампион со 7:14, Илинден Вардар дома загуби од Струга со 10:15, а пак Металург Автокоманда го доби Ѓорче Петров со 22:20.

Александар Ванев, М-Нет