
Нов топлотен бран во Македонија, најавени температури и над 40 степени. Горештините се очекуваат особено во деновите од викендот, кога температурите ќе се искачат и до 41 степен. Жешкото време носи зголемен ризик од пожари и здравствени проблеми, особено кај повозрасните лица, хронично болните, бремените жени и децата. Лекарите со голем апел на претпазливост и почитување на препораките за избегнување престој на отворено во најтоплиот дел од денот и одредени физички активности во периодот од 11 до 17 часот, доволно течности, како и носење на светла и лесна облека, користење заштита од сонце кога УВ-зрачењето и температурите се највисоки.
Апел упати и Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, до граѓаните да бидат исклучително внимателни оти и само една искра може да предизвика пожар со катастрофални последици, човечки жртви и загрозување на имотот на граѓаните. Ангелов додаде дека има докази за намерно подметнување на пожари и за истите сторители ќе следуваат високи санкции.
,,Се појавија 30-тина пожари на отворен простор, односно поголем број на луѓе ги предизвикаа овие пожари. Благодарение на брзиот почетен одговор на локалните пожарникари, пожарите беа изгаснати, но имавме повеќе специфични ситуации. Како што во сите мои апели кажувам ги повикувам граѓаните да бидат исклучително внимателни. Доволно е само искра да предизвика катастрофални последици, пожар којшто може да загрози луѓе или имот на граѓаните. Казните за пожарите се високи, полицијата работи максимално на сите сторители, бидејќи сите пожари се предизвикани од луѓе, најчесто ненамерно, но имаме и докази за намерно подметнување на пожари“, рече Ангелов
Надлежните институции апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температурите и да избегнуваат какви било активности што можат да предизивикаат пожар. Одговорното однесување и дисциплината препорачана од надлежните се најдобрата мерка за заштита од екстремни температури, опасност од пожари и зголемени здравствени ризици.
Иван Митев, М-Нет