
Боксерскиот клуб Фамилија Демирови од Штип испиша уште еден голем успех, обезбедена нова титула во младинскиот шампионат, четврта во низа за овој успешен колектив од градот под Исарот.
Тренерот Тархан Демиров вели дека е задоволен од постигнатите успеси, а титулата е потврдена на едно коло до крајот од младинскиот шампионат.
„Нашите боксери од боксерскиот клуб Фамилија Демирови беа многу успешни и не дозволија да дојдеме до било какво изненадување и очекуваме во следните години да постигнуваме многу поголеми резултати и навистина децата заслужуваат со својот талент и квалитет, како и можности, а ние како клуб Фамилија Демирови сме единствени во Македонија што ја обезбедивме по четврт пат во низата титулата и ја носиме во градот Штип. Во шестото коло само формално ќе ја потврдиме во Куманово“, вели тренерот Тархан Демиров.
Следната година штипскиот боксерски клуб Фамилија Демирови ќе атакува на две титули, одбрана во младинскиот шампионат и освојување на титула во сениорска конкуренција, што ќе биде нов предизвик за клубот, како што истакнува тренерот Демиров за М Нет телевизија.
„Наверојатно од наредната година ќе имаме четири сениори и ќе се бориме за првото екипно првенство, исто ќе се бориме и во младинскато екипно првенство и најверојатно ќе се бориме за двете титули да ги донесеме во 2026 година“, дополнува Демиров.
Демиров очекува големи успеси и во иднина, вели дека неговите боксери од своите почетоци покажале голем талент, со многу труд, посветеност, подготовки и тренинг бележат големи резултати, а тој е горд на сите овие резултати.
„Јас започнав со многу млади пионери, кои што еве дојдовме до јуниори и сега ќе се бориме во 2026 година и во сениорска конкуренција. Секако очекувам дека ќе имаме шампионска титула со првата екипа. Инаку, со младинската екипа по четврт пат имаме титула потврда во петто коло, значи во шестото коло можеме да направиме една прослава во нашиот град Штип, да потврдиме дека ја одбранивме титулата и да се покажеме и докажеме со нашите квалитети”, завршува Демиров.
Ова е уште еден голем успех за боксерскиот клуб Фамилија Демирови од Штип, успех со нова титула која се носи во градот под Исарот.
Александар Ванев, М-Нет