
Заврши „Новогодишната потрошувачка кошничка“ па се поставува прашањето ќе има ли нов ценовен шок за граѓаните. Поголем дел од анкетираните на терен во Штип велат и покрај кошничката цените на производите биле скапи, па не очекуваат промени. До сега купувале само производи со акциски цени за да можат да поминат поевтино и да го преживеат месецот.
„Тие што секој ден купуваат скапо им е, тие што продаваат евтино. Трговците сега се оставени сами да одлучуват, а секој гледа на некој начин да се снајде. Скапо е, сиромаштија, беспарица колку сакате.“ – велат граѓаните.
Последната новогодишна кошничка опфаќаше над 1200 производи, меѓутоа беше на добра волја на трговците па затоа инспекторите на терен можеа само да опоменуваат, но не и да казнуваат.
Синдикатите во понеделник ќе ги објават пресметките за ефектите од оваа мерка. Бараат од власта да не ги најавува кошничките со намалени цени за да се спречат манипулации од трговците.
Од ССМ претходно објавија дека во декември синдикалната кошничка пораснала за 840 денари во споредна со ноември лани.
Пред Новогодишната кошничка имаше есенска потрошувачка кошничка, но истата беше предложената од страна на Владата и затоа имаше и соодветни казни за оние кои не ја почитуваа. Од Владата посочија дека пред секој поголем празник ќе има кошнички со цел да бидат намалени цените на производите кои најмногу се користат во одреден период од годината. Потрошувачка кошничка ќе има и за Велигден.
Лаура Стојанова М-Нет