Нови паркинг места во Штип, граѓаните вознемирени, Коштанов вели нема да се наплаќа паркинг услугата

Жителите на ул. „Борис Кидрич“ добија нови обележани паркинг места, но упатија реакција со незадоволство. Паркинг местото е несоодветно, велат тие, зашто го покрива тротоарот и пешачкиот простор, а ја крати и улицата. Како што ни рекоа тие, за проблемот со паркинг местата им била ветена катна гаража во близина, но добиле само несоодветен обележан паркинг простор. Дополнително посочија дека ваква реакција веќе имаат упатено до сообраќаен инспектор, па прво ќе разговараат со него за да се најде решение.

Во одговор за ваквата реакција на граѓаните директорот на ЈП „Стипион“, Трајче Коштанов, посочи дека паркинг местата се обележани, но засега за истите нема да се наплаќа.

„За новите паркинг места нема да се плаќа, а граѓаните ќе можат слободно да ги користат. За да се врши наплаќање на тој простор треба истото да се приложи како предлог во Општината. Засега нема таков предлог, ниту одлука дека ќе се наплаќа тој паркинг, само се одбележани паркинг местата.“ – додаде Коштанов. Освен новиот обележан паркинг простор овде, вакви исти кои не се наплаќаат има и во Ново Село и населбата Осми Ноември.

Ребека Спасова МНет