
За влез или излез од државата важат новите правила на граничните премини. Од денес започнува да се спроведува мерката за спречување на проширувањето на вирусот, која важи како за домашни така и за странски државјани. На вчерашната седница истата беше дополнета, па на граничен премин ќе мора да приложите некоја од следниве поврди:
– Сертификат за извршена имунизацијаодносно примени две дози на вакцина против КОВИД-19;
– Сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето;
-Негативен ПЦР тест, направен 72 часа пред излез од територијата на државата, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19. Времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Изолацијата на странските државјани е на нивни трошок.
Дополнувањето се состои во тоа што има исклучоци за наши државјани, кои се возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
Усвоен е и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.
Одлуката за оваа мерка беше донесена на 99. седница на Владата за истата да почне да важи од денес, 1 септември.
Ребека Спасова МНет