Нови вработувања приоритет на новиот директор на Здравствениот дом Штип, Горан Андонов

Во стабилна финансиска состојба, но со намален број на вработен медицински и немедицински персонал – ваква е фактичката состојба во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Денеска на примопредавањето новиот директор, Горан Андонов, посочи дека во периодот кој следи приоритет ќе бидат подобрување на условите за работа, а во тек е изградбата на ефикасно енергетска фасада со која ќе се заштеди на потрошувачката на електирчна енергија.

„Мој приоритет ќе биде подобрување на условите за работа во здравствениот дом, набавка на нова апаратура. Најголем приоритет ќе биде вработувањето на медицински и немедицински персонал со цел да бидеме подостапни за граѓаните.“ – вели Андонов.

Андонов посочи дека во Здравствениот дом најголем проблем сега е недостигот на вработени од сите профили. Дециден е дека во наредниот период ќе се работи на решавање на овој проблем и вработување на медицински и немедицински персонал. Вработени недостасуваат и на Итната медицинска помош.

„Можам да кажам дека недостасуваат вработени од секој профил и доктори, и медицински сестри и хегиеничарки. Службата за Итна помош располага со 4 доктори, 12 медицински сестри и девет возачи. Тоа секако не е доволно, толку мал број на вработени не може да отслужи толкава територија.“ – вели Андонов.

Андонов е специјалист по медицина на трудот, кој во здравствениот дом Панче Караѓозов работи од 2015 година. Тој на директорската фотелја доаѓа на местото на Марија Смилкова.

Лаура Стојанова М-Нет