
Во близина на Фабриката за вода во Кочани е новата предлог – локација за изградба на објекти за домување. На јавна трибина се дискутираше за локацијата, откако за претходно определената имаше протести и негодувања. Имено, локацијата се наоѓа на парцела со површина од 9113 м2, поконкретно на десната страна на патот пред Фабриката за вода, односно на местото каде завршуваат последните куќи на Ромско маало. На оваа локација треба да се сместат незгрижените лица од Страта касарна или лица од социјален ризик општината.
Жителите на урбанистичкиот дел Градска четврт 5 во Кочани дадоа позитивно мислење за новата локација, а според надлежните одбраната локација е со намена за заедничко или групно домување. Дополнително за ова ќе се изработи и проект за водоводна и фекална канализација, а граѓаните побараа и инфомации за патна инфраструктура, зелен појас и детско игралиште.
Минатата година во април, жители од населбата Трајаново Трло протестираа против изградба на објектите на избраната локација во непосредна близина на населбата. Како причина за тоа беше наведено дека локацијата е несоодветна, нема потребна инфраструктура, а воедно станува збор за зелен појас. Повеќе од една година изградбата на објектите за домување е стопирана, сѐ до изнаоѓање на нова локација за изградба.
Ребека Спасова М-Нет