Нова водоводна линија добива викенд населбата Суитлак во Штип

Со инвестиција од 13 милиони денари нов водоводен систем добива викенд населбата Суитлак во Штип. Активностите на терен за приклучување на домаќинствата веќе се во тек, со што за краток временски период треба да завршат седумте фази и оваа населба да се приклучи на водоводниот ситем. Не повеќе од два милиони денари ќе се обезбедат од ЈП Исар, шест од општината, а остататите средства се од самите граѓани кои живеат овде.

„Денес ЈП Исар во соработка со Општина Штип и со урбаната заедница Суитлак започна со изработка и монтажа на примарната водоводна линија која технички е изведена во седум крака. Денес започнуваме со кракот два и интенцијата на ЈП Исар е да со изработка на дел од кракот два се изврши постваување на водоводната линија, затрупување. Целата инвестиција е 13 илјади денари, шест од Општина Штип, дел од претпријатието и дел од граѓаните“ – вели Зајков.

Ова е предизборно ветување на актуелниот градоначалник Иван Јорданов и во оваа прилика тој истакна дека истото ќе биде реализирано. Додаде дека сите куќи кои се во овој дел од градот ќе бидат приклучени на водоснабдителниот систем, и повика на трпение додека активностите на терен се во тек.

„Инвестицијата е заедничка, ова е потреба која со години наназад се провлекува. Првата фаза беше опфаќање на неколку стотина куќи, а втората фаза е со целосно снабдување со вода на оваа викенд населба“ – додава Јорданов.

Јорданов истакна дека со вакво темпо на работа се продолжува и во наредниот период, во сите населби во општината со што се работи на исполнување на сите предизборни ветувања.

Лаура Стојанова М-Нет