Новаци и Осогово одлучуваат – Охрид е пред можноста да биде есенски шампион во Втора лига!

Новаци и Осогово ги победија фаворитите и го отворија патот Охрид да биде есенски шампион во Втората лига, откако тимот на Новаци со 1:0 славеше над Шкендија Арачиново, а пак Осогово со 0:1 ја доби Брегалница во Штип.

Охрид си ја заврши сам својата работа – го победи Детонит Плачковица со 1:0 и сега до крајот го очекува мечот со Слога Виница во гости и одложениот меч со Големо Коњари исто така во гости, на хартија лесни противници за „рибарите“ кои ќе треба да ја оправдаат фаворитската улога и да бидат есенски шампиони.

Шкендија Арачиново со двата порази во низа останува на врвот од табелата со 32 бодови, два помалку има Брегалница која е втора, а пак Охрид со 30 бодови е трет, но има меч помалку, тој со Големо Коњари.

Скопје е четврти со 29 бодови и значително се доближи до врвот, па тоа носи неверојатна „жешка“ пролет, а Беласица е петта со 28 бодови.

Новаци се зацврстува на шестото место со 26 бодови, а пак Детонит Плачковица го делат седмото место со по 23 бодови.

Деветти е Кожуф со 20 бодови, но натпревар помалку, тој одложениот со Тетекс, Каменица Саса е десетта со 17 бодови, Тетекс е на 11-тото место со 13 бодови, но со меч помалку, овие екипи се во бараж зоната.

На 12-тото место или во зоната за директно испаѓање е Победа со 11 бодови, а толку има и Вардар Неготино, на 14-тото место е Преспа со девет бодови, Слога Виница е претпоследна со седум бодови, на дното со три бодови е Големо Коњари и со меч помалку.

Александар Ванев, М-Нет