Ниту десетте гола на Анчева не помогнаа – Астибо во Штип загуби од Чаир, „лавиците“ и Металург Автокоманда до победи!

Овој викенд започна вториот дел од женската ракометна Суперлига со натпреварите од 3. коло на плеј-офот, а пак плеј-аутот ќе започне подоцна.

Во Штип во салата „Тошо Арсов“ екипата на Астибо доживеа пораз од фаворитот Чаир со 24:36. Ниту десетте погодоци на искусната голгетерка Марија Анчева не беа доволни за Астибо да може да направи изненадување. Кај Чаир најдобра беше Стефанија Ѓеоргиевска која во Штип постигна осум гола.

Шампионот Ѓорче Петров немаше проблеми против Вардар во меч каде „лавиците“ доминираа на теренот со 20:36. Ивана Дежиќ со девет гола беше прв стрелец кај Ѓорче Петров, а пак кај Вардар најдобра беше Леона Миленковска, исто така со девет погодоци.

Металург Автокоманда го совлада Куманово во гости со резултат од 18:22. Сузана Зечевиќ беше најдобар стрелец кај Куманово со девет гола, а пак кај Металург Автокоманда најдобра беше Марија Јанкуловска со шест реализации.

Во однос на табелата Ѓорче Петров е на врвот со седум бодови, а толку има и Металург Автокоманда со ист број на бодови. Чаир е трет со пет бодови, Куманово и Вардар имаат по еден бод, а пак Астибо е на последното шест место без бодови.

Александар Ванев, М-Нет