
Давид Митев и Зоранчо Велинов се среќните фаќачи на крстот положен во водите на река Брегалница во општина Карбинци. Давид скокаше по крстот кој се положи од мостот во с. Долни Балван, а Зоранчо во с. Карбинци, во водите на река Брегалница. Двајцата посакуваат многу среќа и здравје, а за Зоранчо Велинов ова е среќа за првпат, откако 20 години скока и се обидува да го фати крстот.
„Јас сум Велинов Зоранчо од с. Карбинци, о. Карбинци. Скокам 20 години по ред, оваа година испадна среќа јас да го фатам. Посакувам здравје, среќа, бериќет, Господ да им дава среќа“, вели Велинов.

Пораки и желби за успешна и среќна година упати и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, кој присуствуваше на осветувањето на водите и во двете места. Општината со скромни подароци ги даруваше најсреќните кои оваа година го фатија крстот.
„Денес на овој голем празник Водици, сме во с. Карбинци, традиционално како и секоја година. Среќниот фаќач на крстот е Зоран Велинов, му посакувам многу среќа, здравје, посакувам на сите жители, на сите граѓани. Нека овој празник ни донесе мир, спокој во секое семејство и традицијата да продолжи и понатаму.
Светиот крст во општина Карбинци традиционално се положува во река Брегалница на овие две места, а од минатата година и во приватен базен во село Таринци, каде најсреќен беше Филип Стоиловски.
Ребека Спасова М-Нет