Нижен пипер од село Јаргулица се продава во Штип, 700 денари е низата благ пипер, штипјани масовно купуваат

Нижен пипер од село Јаргулица се продава на пазарот во Штип по цена од 700 денари за низа благ, а 600 за лут за сите домакинки, кои не нанижаа во септември. Павле Илиев, од ова поголемо радовишко село, кој со децении е во нивата на татка си, со домакинката произведуваат везен пипер, кој од септември го ниже и го суши до октомври. Вели штипјанки го бараат, купуваат, а за цена не прашуваат. Дециден е тој, без мирис на сушена и потпечена пиперка, не личи самата зима.

,,Благиот е 700 денари, лутиот 600 денари. Бараат граѓаните, има доста голема потражна. Веќе сме крај на октомври а имам потрошено 100 нози до сега. Вака е нанижан од 20 август, па се суши се до почетокот на октомври. Тајната за да не се скапи додека се суши. Треба да се суши на сенка, па да го ставиш во сушална, па да откриваш и покриваш, да нема влага. Ако има влага пиперот паѓа. Јас и домаќинката сами го произведуваме.“, вели Илиев

Павле вели исплатливост од земјоделието има, само ако се работи многу напорно, затоа што вели пиперот е особено нежен и бара посебна грижа. Наследници има, но за нива не сакаат да слушнат.

,,Ние сме по 70 години, имаме син, но нема да продолжи со земјоделието, тој е спортист. Исплатливост дали има, не знам, ако има голема труд може. Ако не вложиш поголема труд, не можете да произведете. Особено пиперот ем нго унежен, фака болес, сушата на прв план. Мора да го зачуваш.“, рече Илиев

Инаку, Павле Илиев од Јаргулица, секој петок е на штипскиот пазар. Покрај нижен пипер, продава и убав компир, праз, тикви и се што раѓа нивата на неговиот татко. Тој со гордост ја чува земјоделската традиција.

Иван Митев, М-Нет